1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Одложено судењето на Трамп за тајните документи

ЕМФ | Тагесшау
8 мај 2024

Додека за Трамп на судењето во случајот со порно ѕвездата Сторми Даниелс станува сѐ понепријатно, тој во Мајами постигна успех - одложено е судењето во врска со аферата за тајните документи.

https://p.dw.com/p/4fbtp
Доналд Трамп во судница во Њујорк
Доналд Трамп во судница во ЊујоркФотографија: Julia Nikhinson/REUTERS

Судскиот процес против поранешниот американски претседател Доналд Трамп во аферата околу земањето тајни државни документи всушност требаше да започне на 20 мај. Но, како што сега најави одговорната судијка во Флорида, почетокот на постапката ќе се одложи. Причина за ова се отворените правни прашања со оглед на големиот број барања, објасни Ајлин Кенон. Таа не наведува нов датум за судењето. Одлуката на судијката е чекор назад за специјалниот иследник Џек Смит. Малку е веројатно дека процесот ќе започне пред претседателските избори во ноември, на кои се очекува Трамп повторно да настапи како републикански кандидат.

Тајни документи чувани во приватна вила

77-годишниот Трамп во аферата со документите минатата година беше обвинет на сојузно ниво. Во овој случај, тој е обвинет за незаконско складирање на високо чувствителни информации од неговото време како претседател. Во август 2022 година, федералната полиција ФБИ го пребара имотот на Трамп во Мар-а-Лаго во Флорида и конфискуваше неколку групи документи, класифицирани како строго тајни, што тој не ги предал на Националниот архив како што се бара. Се вели дека тие вклучуваат воени планови и информации за нуклеарно оружје. Трамп е обвинет и за обид за уништување докази во овој случај. По најтешките обвиненија му се заканува затворска казна до десет години.

Трамп се изјасни за невин на судскиот процес во Мајами минатата година. Неговите адвокати се обидуваат да ја спречат постапката. Меѓу другото, тие се потпираат и на имунитетот на Трамп како претседател. Тие тврдат дека чувањето на документите како лична евиденција било службен акт на претседателот.

Дали судијката ја одолговлекува постапката?

Судијката Кенон, која е одговорна за процесот во врска со тајните документи, своевремено беше назначена од Трамп. Критичарите ја обвинуваат дека го одолговлекува процесот и барањата ги обработува бавно. Како оправдување за одложување на почетокот на судењето, Кенон напиша дека одредувањето датум за судење во овој момент би било „непромислено“. Има премногу отворени правни прашања кои допрва треба да се разјаснат, смета таа. Според Кенон, ќе биде потребна соодветна подготовка и време за сето тоа да се третира целосно и за случајот правично да се претстави пред поротата.

Четири судски процеси против Трамп

За републиканецот Доналд Трамп одлуката на судијката претставува успех. Тој во моментов се соочува со обвиненија пред судот во Њујорк во врска со исплати на порно актерката Сторми Даниелс во замена за нејзин молк. Затоа тој редовно минува многу часови во судницата.

Трамп во моментов се соочува со вкупно четири кривични судски постапки: Покрај судењето за аферата со тајните документи и случајот со Сторми Даниелс, тука се и судската постапка за изборна измама на сојузно ниво и уште едно судење во американската држава Џорџија.