1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 770 илјади граѓани гласале за претседател

ДТЗ
8 мај 2024

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски оцени дека има солидна излезност на изборите. До 18.30 часот на претседателските избори излезноста е 46,34 проценти, а на парламентраните избори 53,15 проценти.

https://p.dw.com/p/4fdvk
избори
Над 770 илјади граѓани гласале за претседателФотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија гласаше за претседател и за нов парламент. Во 19 часот беа затворени гласачките места, по што започнува пребројувањето на гласовите. Првичните информации се дека излезноста на претседателските избори е над 42 проценти, со што е постигнат цензусот за избор на претседател. Изборите поминаа во мирна атмосфера, со незначителни проблеми и инциденти. МВР информираше за неколку случаи поврзани со поткуп на гласачи, а дел од партиите во текот на денот алармираа дека има индиции за „тивок бојкот“ на претседателските избори, во општините со доминантно албанско население. 

„Солидна излезност“ 

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски оцени дека има солидна излезност на изборите. До 18.30 часот на претседателските избори излезноста е 46,34 проценти, а на парламентраните избори 53,15 проценти.

Излезноста на претседателските избори до 18:30 часот е 46, 31 отсто врз основа на податоци од 3.186 избирачки места. На парламентарните избори излезноста е 53,32 отсто. Врз основа на податоците од веб-страната на ДИК, на гласање излегле 767.715 гласачи.

Најголема излезеност за претседателските избори има во Новаци со 72,76  проценти, а најмала во Липково со 7,35 проценти.Споредбено со вториот куг од претседателските избори во 2019 година, има зголемување на излезеноста од 1,84 проценти.

За парламентарните избори најголема излезност има во Кривогаштани 82,43 проценти, а најмала во Центар Жупа 18,62 проценти. Во Првата изборна единица излезноста е 59,14 проценти, во Втората 48,61 процент, во Третата 57,87 проценти, во Четвртата 57,49 проценти, во Петтата 53,45 проценти и во Шестата изборна единица 37,36 проценти. 

До ДИК се доставени вкупно 490 приговори за заштита на личното избирачко право.

Христијан Мицкоски
„Македонија ќе има нов претседател. Цензусот е постигнат. Отворениот повик за бојкот од страна на ДУИ не успеа“,порачаа од ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Бојкотот на успеа“

„Македонија ќе има нов претседател. Цензусот е постигнат. Отворениот повик за бојкот од страна на ДУИ не успеа“, порача Тимчо Муцунски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, по затворањето на гласачките места. 

Тој оцени дека изборниот ден поминал во генерално мирна атмосфера, но дека се забележани поединечни нерегуларности кои треба да бидат расветлени. „Се обвистинува сценариото на кое предупредувавме дека ДИУ посакува криза и дека преку бојкот на претседателските избори сака да се факторизира. ДУИ изгуби дупло. Бојкотот не им е успешен. ДУИ е сосема извесно дека оди во опозиција“, рече Муцунски.

Портпаролката на СДСМ, пак, Богданка Кузеска оцени дека секоја партија за своите постапки во изборите треба да одговори пред себе и пред граѓаните. На првата прес-конференција по затворањето на гласачките места, таа рече дека изборите беа фер и демократски, како што доликува на земја-членка на НАТО со почнати преговори со ЕУ.

„Констатирани се одредени неправилности, но сметаме дека тие неправилности се незначителни во овој изборен процес. Граѓаните можеа слободно да одлучат за иднината на земјата. Правото на глас и слободното одлучување се најзначајни придобивки на демократијата. Граѓаните покажаа демократски капацитет, а институциите зрелост. Граѓанскта волја ќе одлучи по кој колосек ќе продолжи државата понатаму“, рече Кузеска. 

Димитар Ковачевски
Секоја партија за своите постапки во изборите треба да одговори пред себе и пред граѓаните, велат од СДСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пропаганда

Дека процесот на гласање се одвиваше непречено и без инциденти, оценија и од Европскиот фронт. Тие ги осудија „обидите на опозицијата“, која според нив, „ со пропаганда и лажни информации сакала да сее страв кај граѓаните“. Во однос на информациите дали имало тивок бојкот кај албанското население во однос на претседателските избори, партиски членови порачаа дека секој бил оставен да гласа според свое убедување. Во изјава за медиумите, членови на ДУИ потврдија дека некои од коалицијата гласале, а други одлучиле да не го дадат својот глас за двајцата кандидати за претседател, кои влегоа во вториот круг.

Граѓаните на Република Северна Македонија денеска можеа да гласаат на вториот круг од седмите претседателски и на 11. парламентарни избори. Право на глас на изборите за шеф на државата имаа 1.814.317, а на парламентарните 1.815.350 граѓани запишани во Избирачкиот список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од двајцата претседателски кандидати Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски. 

За парламентарните избори се гласаше согласно пропорционалниот модел во шест изборни единици. Гласање за парламентарните избори во дијаспората не се спроведе, бидејќи немаше доволен број пријавени гласачи. 

Избирачите можеа да гласаат со заокружување на еден од редните броеви пред 17 листи на кандидатите за пратеници. Листи за кандидати за пратеници имаа Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, Коалиција Европски фронт на ДУИ, политичката партија Левица, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија.

Според првичните оценки на ДИК, МВР и набљудувачите, изборниот ден помина мирно и без поголеми проблеми.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи