1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: За странските работници расизмот е секојдневие

Андреас Бекер
2 февруари 2024

Што очекуваат и што сакаат странските стручни работници кои се доселуваат во Германија? И какви се нивните искуства? Одговорите на овие прашања ги дава единствената студија на ОЕЦД.

https://p.dw.com/p/4bxPh
На Германија и треба се повеќе квалификувана работна сила
На Германија и треба се повеќе квалификувана работна силаФотографија: Jens Krick/Flashpic/piture alliance

На Германија ѝ се потребни доселеници, затоа што нејзиното население е сѐ постаро, а генерациите од ерата на високиот наталитет полека се пензионираат. Веќе насекаде има недостиг од квалификувана работна сила. Затоа целта на германската влада е да ја направи земјата интересна за стручните работници од странство.

Веќе десет години постои порталот „Make it in Germany“ на различни јазици кој треба да им помогне на заинтересираните за вработување во Германија.

Најголем дел од испитаниците од Турција

Преку тој портал, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) спроведе истражување на илјадници квалификувани работници од земји кои не се членки на ЕУ. Целта беше да се утврдат мотивите, надежите и стравовите на луѓето кои размислуваат да работат во Германија.

„Тоа е единствена студија во светот во текот со која ги следевме луѓето од моментот кога покажаа интерес за земјата“, вели Томас Либиг од ОЕЦД.

Во првиот круг во текот на летото и есента 2022 година беа анкетирани речиси 30.000 луѓе. Половина година подоцна, 10.000 од нив одговориле на натамошните прашања од научниците на ОЕЦД. Во есента и зимата 2023 година беше спроведено финалното истражување во кое учествувале 6.000 луѓе.

Главното седиште на ОЕЦД во Париз, Франција
Главното седиште на ОЕЦД во Париз, ФранцијаФотографија: Francois Mori/AP Photo/picture alliance

Најважни земји на потекло на испитаниците се Турција (13 отсто), Индија (10 насто) и Колумбија (9 отсто), а по четири проценти од испитаниците доаѓаат од Египет, Алжир, Аргентина, Мексико, Филипините и од Русија.

Претежно висококвалификувани мажи

Кој учествувал во анкетата? „Тоа се претежно мажи, околу 75 проценти“, вели Либиг, раководител на оваа студија. „Тие се во голема мера високо квалификувани. Од нив 75 отсто се со високо образование, а третина од нив магистрирале или докторирале. Повеќето од нив имаат семејства. Голем удел, околу 60 отсто, имаат барем основно познавање на германскиот јазик, а секој трет има дури и повисок степен.“

„Германија останува атрактивна земја за многу висококвалификувани луѓе од странство“, се вели во студијата. Сепак, многу испитаници се жалат на долгото чекање за виза. Во Турција, секој трет испитаник (30 насто) ги опишал своите искуства со германскиот имиграциски систем како „лош“ или „многу лош“. Во Алжир секој петти испитаник го кажал тоа.

Личните препораки се особено важни

Пријателите, семејството или колегите од работа им го дале на испитаниците најважниот поттик да се заинтересираат за Германија.

Како главна причина за размислување за заминување во Германија, мнозинството од испитаниците ја навеле надежта за добри шанси на работа и во кариерата. Често се споменуваат и безбедноста, добриот здравствен систем, демократијата и владеење на правото, добар образовен систем и добри шанси за партнерот или за член на семејството.

Само мал дел од нив сега се во Германија

Во повеќе од 12 месеци, колку што поминаа помеѓу различните кругови на испрашување, само мал дел (5 насто) успеале да стигнат до Германија. Тоа се пред сѐ луѓе кои се добро вмрежени и го знаат германскиот јазик.

Речиси сите работат во Германија со полно работно време (93 проценти). Половина работат како инженери или информатичари, а секој десетти работи во здравство или во нега за стари и болни лица.

Германските болници полни со медицински сестри од Балканот

Речиси половина од нив заработуваат над 4.000 евра бруто месечно, 13 отсто повеќе од 6.000, а десет отсто од нив земаат плата помала од 2.000 евра бруто.

Мнозинството (59 насто) се „прилично задоволни“ или „многу задоволни“ од нивниот живот во Германија. Тие особено позитивно го оценија квалитетот на животот, германската култура и менталитет на луѓето, како и културата на добредојде во Германија.

Многу од испитаниците се „незадоволни“ или „прилично незадоволни“ од нивните контакти со канцелариите за странци, како и од нивната плата и од финансиска состојба (40 проценти).

Расизам и дискриминација

Голем број од испитаниците изразиле загриженост дека би можеле да станат жртви на дискриминација и на расизам во Германија.

Оние кои за време на испитувањата дошле во Германија и тука работат велат дека дури реалноста е многу полоша отколку што мислеле.

„Од оние кои успеале да дојдат во Германија, повеќе од половина велат дека биле дискриминирани кога барале стан. Многу голем број од нив, речиси 40 насто, пријавиле и искуства со дискриминација и со расизам во продавници, ресторани или на улица“, вели Томас Либиг. „Тоа се застрашувачки бројки.“

Испитаниците имале само подобри искуства од очекуваното со полицијата и со училиштата кои ги посетуваат нивните деца.

Расизмот како пречка

Авторите на студијата на ОЕЦД препорачуваат Германија да го зголеми бројот на вработени во канцеларите за издавање визи во странство и во службите за странци во Германија. Освен тоа, тие предлагаат да се зголемат стимулациите за изучување на германскиот јазик во странство. И, исто така, итно треба да се направи нешто против дискриминацијата и расизмот .

Според последниот извештај на ОЕЦД за миграцијата, речиси половина од странците кои трајно се населуваат во Германија доаѓаат од други земји-членки на ЕУ. Втората по големина група (21 процент) се бегалците, потоа членовите на семејствата на оние кои веќе живеат во Германија (15 проценти). Најмалата група имигранти со 14 проценти се лицата кои дошле во Германија на работа од земји надвор од ЕУ .

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема